Рускиот претседател Владимир Путин ја сака цела Украина, а не само дел од неа, предупреди американскиот претседател Доналд Трамп, и оцени дека тоа би било пропаст за Русија.
-Отсекогаш сум имал многу добар однос со Владимир Путин од Русија, но нешто му се случи. Тој ПОЛУДЕ! Секогаш велев дека тој ја сака ЦЕЛА Украина, а не само дел од неа, и можеби тоа се покажува како точно, но ако го стори тоа, тоа ќе доведе до пропаст на Русија!“, напиша вчера Трамп на социјалните мрежи како реакција жестоките руски напади на Украина три ноќи по ред.
Ден претходно тој им рече на новинарите дека е многу изненаден што неговиот руски колега го интензивирал бомбардирањето на украинските градови и покрај неговото посредување за прекин на огнот. Се закани и со санкции за Русија.
-Апсолутно. Убива многу луѓе. Што му се случи, по ѓаволите?, одговори Трамп на новинарско прашање.
Но, не пропушти да го критикува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
-Сè што излегува од неговата уста предизвикува проблеми, не ми се допаѓа, и подобро е да престане, рече тој по повод осудата на Зеленски на молкот од Америка и неговото инсистирање на санкции за Русија.
Во сенка на мировните преговори што почнаа пред десетина дена во Истанбул и како што е најавено би требало да продолжат наскоро во Ватикан, Русија ги изврши најжестоките напади на Украина. Три ноќи по ред Украина беше под руски оган, а само во Киев предупредувањето за воздушен напад траеше шест часа, рече Тимур Ткаченко, шеф на градската воена администрација. Кремљ соопшти дека спроведува „специјална воена операција“ во Украина, без да објасни зошто го прави тоа. Украинските власти викендов потврдија дека Москва лансирала 298 дронови и 69 ракети во повеќе бранови на локации низ целата земја.
Украина вчера возврати. Руското Министерство за одбрана соопшти дека се соборени 96 украински дронови над повеќе региони, од кои шест над московската област. Нападот бил толку обемен што довел до прекин на авионскиот сообраќај на сите аеродроми во Москва, како и на повеќето аеродроми во европскиот дел на земјата.
Масло на огнот вчера истури заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен претседател Дмитриј Медведев, објавувајќи нова провокативна карта на Украина, на која речиси целата територија е обележана како таканаречена безбедносна зона под руска контрола.
-Ако продолжи воената помош за бандеровскиот режим, безбедносната зона ќе изгледа вака, напиша Медведев под видеоснимка објавена на социјалните мрежи.
Терминот „бандеровски режим“ што потекнува од Степан Бандера, украински ултранационалист од првата половина на минатиот век, некои руски официјални лица го користат за да ја опишат актуелната украинска влада или нејзините поддржувачи.