Трамп претстави огромен воен проект од 175 милијарди долари – „Златна купола“ ќе ги штити САД од ракетни напади од каде било во светот

441
Фото: EPA-EFE/CHRIS KLEPONIS / POOL

Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави амбициозен план за изградба на систем за ракетна одбрана во вселената наречен „Златна купола“, вреден дури 175 милијарди долари, кој би ги заштитил САД од ракетни напади од било каде во светот, објави Хина.

Трамп во Овалната соба во вторник изјави дека очекува проектот да биде завршен во рок од три години, пред крајот на неговиот потенцијален нов претседателски мандат. „Кога ќе биде целосно изграден, „Златна купола“ ќе може да пресретнува ракети дури и ако се лансирани од другата страна на светот“, им рече тој на новинарите.

Проектот, инспириран од израелскиот систем „Железна купола“, има многу пошироки цели – додека израелскиот штит покрива површина со големина на Њу Џерси и се фокусира на закани со краток дострел, американската верзија треба да заштити континент со големина на САД, вклучително и одбрана од напредни балистички и хиперсонични ракети.

Големи компании за одбрана и технологија веќе се натпреваруваат за изградба на системот, вклучувајќи ја и „СпејсИкс“ на Елон Маск, која ги испраќа своите понуди директно до американскиот министер за одбрана Пит Хегсет. Проектот ќе го води генералот Мајкл А. Гетлајн, заменик-шеф на вселенските операции во американските вселенски сили, а планирано е да се обезбедат 25 милијарди долари од пакетот на Трамп за намалување на владините трошоци и даночни реформи, кои тој се обидува да ги протурка преку конгресните републиканци.

Според извори, проектот предвидува лансирање помеѓу 400 и повеќе од 1.000 сателити кои би детектирале ракети и би го следеле нивниот лет. Покрај тоа, планирана е и специјална флота од околу 200 сателити опремени со ракети или ласери кои би можеле да соборуваат непријателски ракети.

Трамп, исто така, откри дека Канада изразила интерес за учество во проектот и сака да биде вклучена во заштитата на „Златната купола“. Во изјава за „Ројтерс“, канцеларијата на канадскиот премиер Марк Карни потврди дека е во тек дијалог со американската администрација за зајакнување на безбедносната и економската соработка, вклучувајќи го и NORAD и проекти како „Златната купола“.

Пентагон веќе презентираше три варијанти за развој на системот до Белата куќа – мала, средна и голема – но Трамп не прецизираше која е избрана, само рече дека тие ја дефинирале „архитектурата за овој најсовремен систем“.

И покрај амбициозните рокови на Трамп, бројни експерти и воени претставници изразија сомнежи за изводливоста на проектот за толку кратко време. Пензионираниот контраадмирал Марк Монтгомери за „Си-ен-ен изјави дека верува оти развојот на балистичкиот штит може да трае од седум до 10 години, а дури и тогаш веројатно би ги заштитил само клучните федерални згради и големите градови.

ИЗДВОЕНИ