Американскиот претседател Доналд Трамп изјави на самитот на Г7 во Канада дека Русија, а можеби и Кина, треба да бидат дел од организацијата, која потоа би станала Г8 или Г9.
Во разговор со новинарите, Трамп рече дека е „многу голема грешка“ да се исклучи Русија од групата во 2014 година откако таа го анектираше Крим, потег што, според претходните изјави на американскиот претседател, придонел за поширока руска инвазија на Украина во 2022 година, пренесува АП.
„Не мислам дека ќе имавте војна ако Русија беше внатре, ниту пак ќе имавте војна ако Трамп беше претседател пред четири години. Ја исфрлија Русија, што според мене беше многу голема грешка, иако тогаш не бев во политиката“, рече Трамп.
Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин „веќе не е на преговарачката маса, што го прави животот покомплициран“.
На прашањето на новинар дали Кина треба да биде вклучена во Г7, Трамп одговори дека тоа „не е лоша идеја“.
„Не ми пречи ако некој сака да ја види само Кина“, рече Трамп.
Тој истакна дека е важно светските лидери да можат да разговараат едни со други на самитите.
„Путин разговара со мене. Тој не разговара со никого друг. Не сака да разговара затоа што беше многу навреден кога беше исфрлен од Г8, како што би бил јас, како што би бил ти, како што би бил секој друг“, рече Трамп.
Самитот на лидерите на Г7 започна на 15 јуни во планинското одморалиште Кананаскис, околу 90 километри западно од главниот град на канадската покраина Алберта, Калгари, и ќе трае до утре.