Трамп повторно ја обвини Кина за кршење на трговскиот договор

192

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот ја обвини Кина за кршење на трговскиот договор постигнат со Вашингтон.

„Кина, можеби не е изненадувачки, но, ЦЕЛОСНО ГО ПРЕКРШИ ДОГОВОРОТ СО НАС. Толку од тоа што ќе бидам фин!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, изјави за Фокс њуз еден ден претходно дека трговските разговори меѓу САД и Кина „заглавиле малку“ и дека за постигнување конечен договор најверојатно ќе биде потребно директно вклучување од Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Две недели по кршењето на мразот и привременото трговско примирје меѓу најголемите светски економии, Бесент призна дека напредокот е бавен, но најави нови преговори во наредните недели.

Договорот за привремено намалување на троцифрените царини за 90 дена предизвика силно закрепнување на светските берзи, но не ги реши основните причини за американските царини за кинеските стоки. Меѓу нив се и долгогодишните жалби на САД за кинескиот економски модел заснован на државна контрола и извоз, што останува тема за идните преговори, пишува Ројтерс.

ИЗДВОЕНИ