Трамп повторно го продолжува рокот за продажба на „ТикТок“

62

Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека потпишал извршна наредба со која се продолжува рокот за кинеската компанија „БајтДанс“ да ја продаде популарната апликација „ТикТок“ за 90 дена, пренесува „Хина“.

„Тукушто потпишав извршна наредба со која се продолжува рокот за продажба на „ТикТок“ за 90 дена (17 септември 2025 година)“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа „Truth Social“.

Трамп веќе двапати ја одложи одлуката на Конгресот за забрана на „ТикТок“, која требаше да стапи на сила во јануари.

Конгресот ја усвои мерката минатата година со широка двопартиска поддршка, тврдејќи дека кинеската влада користи „ТикТок“ за шпионирање на Американците и проширување на своето влијание. Законот го потпиша тогашниот демократски претседател Џо Бајден.

Трамп во мај изјави дека ќе го продолжи рокот од 19 јуни откако апликацијата му помогна со младите гласачи на изборите во 2024 година.

Законот бараше од „ТикТок“ да престане со работа до 19 јануари, освен ако „БајрДанс“ не ја заврши продажбата на американскиот дел од апликацијата или не покаже значителен напредок кон продажбата.

Трамп, кој го започна својот втор претседателски мандат на 20 јануари, прво го продолжи рокот до почетокот на април, а потоа минатиот месец до 19 јуни.

Демократските сенатори тврдат дека Трамп нема законско овластување да го продолжи рокот и велат дека договорот за продажба не би ги исполнил законските барања.

ИЗДВОЕНИ