Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека потпишал голема прогласување за катастрофа за округот Кер, Тексас, за да им обезбеди на тимовите за итни интервенции со потребните ресурси.
„Овие семејства доживуваат незамислива трагедија, со многу изгубени животи, а многумина сè уште се водат како исчезнати“, рече Трамп во објава на Truth Social.
Администрацијата на Трамп продолжува тесно да соработува со државните и локалните лидери, а министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем беше на терен со гувернерот на Тексас, Грег Абот, кој работи на обезбедување помош на жителите на државата, се објаснува во објавата.
„Нашата неверојатна крајбрежна стража на САД, заедно со државните тимови за итни интервенции, спасија повеќе од 850 животи. Бог да го благослови Тексас и сите семејства!“, рече претседателот Трамп.
Бројот на жртви од поплавите во Тексас се искачи на 59, изјави денес заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, според американските медиуми.
„Сега сме на 59. За жал, очекуваме бројот да се зголеми“, изјави тој за „Фокс њуз“.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, претходно им нареди на агенциите што бараат исчезнати лица да претпостават дека сите се уште се живи.
Тој претходно прогласи вонредна состојба поради поплавите што го погодија централниот дел од Тексас во петокот.
Обилните дождови, кои паднаа во рекордни количини во некои делови од регионот за само неколку часа, предизвикаа ненадејни поплави на реката Гвадалупе, јавува „Танјуг“.