Трамп помилува две мисирки, на шега ги нарече Ненси Пелоси и Чак Шумер

0

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, помилува две мисирки по име Вадл и Гобл на Денот на благодарноста, поштедувајќи ги цел живот од тоа да станат дел од американската празнична трпеза.

Мисирките, чии имиња беа избрани преку онлајн гласање, беа помилувани од Трамп и првата дама на САД, Меланија Трамп, на церемонија во Градината со рози во Белата куќа, објави ABC news.

На церемонијата, тој на шега ги спомена поранешната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, и лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер, наведувајќи дека размислувал да ги именува мисирките по нив, но дека „никогаш не би ги помилувал тие луѓе“.

За време на своето обраќање, Трамп ја искористи можноста да ги истакне достигнувањата на неговата администрација, вклучително и усвојувањето на, како што го нарече, „одличен, прекрасен закон“, напорите за зголемување на безбедноста во американските градови и намалување на меѓународните тензии, објави Танјуг.

Во својот говор, тој ги критикуваше и политичките противници, вклучувајќи го и поранешниот претседател Џо Бајден, обвинувајќи го дека ги помилувал мисирките Пич и Блосом минатата година со неважечки потпис.

По помилувањето, мисирките Вадл и Гобл ќе бидат вратени во Северна Каролина, каде што ќе живеат под надзор на Одделот за живина на Универзитетот на Северна Каролина во Рали.

За време на настанот, една од мисирките побегнал, по што Трамп се пошегува: „Нема да оди далеку, опуштете се…“

ИЗДВОЕНИ