Трамп: По средбата со Путин, „речиси веднаш“ средба со Зеленски и со мене – ако ме сакаат!

307
EPA/BONNIE CASH / POOL

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп денес изјави дека сака да организира средба со претседателите на Русија, Владимир Путин и Украина, Володимир Зеленски, „речиси веднаш“ по средбата со Путин, закажана за петок во Алјаска.

„На првата средба можат да се постигнат некои големи работи – тоа ќе биде многу важна средба – но тоа ги поставува темелите за втората“, изјави Трамп пред новинарите.

Тој треба да се сретне со Путин во воена база во американската држава Алјаска за да се обиде да постигне договор за прекин на војната во Украина, која трае од февруари 2022 година.

„Наскоро ќе имаме уште една средба. Би сакал таа да се одржи речиси веднаш (по самитот во Алјаска) помеѓу претседателот Путин, претседателот Зеленски и мене, ако ме сакаат“, рече Трамп.

Сепак, тој додаде дека ако не ги добие „одговорите што му се потребни“, нема да одржи втора средба, со што ќе ја услови со успехот на првата.

Трамп предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу сериозни последици“ ако не се согласи да ја прекине војната.

Кога беше прашан дали мисли дека може да го убеди Путин да престане да напаѓа цивили во Украина, Трамп рече дека тој разговор го имал со него неколку пати, но секој пат бил убеден дека не може.

„Се враќам дома и гледам дека ракета погодила дом за стари лица или станбена зграда, а луѓе лежат мртви на улицата. Затоа мислам дека одговорот е не“, рече тој.

Трамп додаде дека денес имал „многу добар разговор“ со лидерите на неколку земји од Европската унија (ЕУ) и со Зеленски.

ИЗДВОЕНИ