Трамп остро му порача на Медведев: „Влегуваш во опасна зона“!

1484

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му испрати остра порака на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, нарекувајќи го „неуспешен претседател“ и предупредувајќи го да „внимава што зборува“.

„Русија и САД речиси и да немаат никаква трговска размена. Нека остане така. Кажете му на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава на зборовите. Тој влегува во многу опасна зона!“ напиша Трамп на „Трут Сошнал“.

Изјавата на Трамп доаѓа како одговор на низата објави на Дмитриј Медведев, кој претходно оваа недела се потсмеваше на ултиматумот на САД до Кремљ. Во тој ултиматум, претседателот Трамп го скрати рокот за завршување на војната во Украина, предупредувајќи дека Русија ќе се соочи со сериозни економски последици доколку не постигне договор.

„Трамп ја игра играта ултиматум со Русија: прво 50 дена, потоа 10… Треба да запомни две работи: 1. Русија не е Израел, а ниту Иран. 2. Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна“, напиша Медведев на социјалните мрежи. „Не се однесувај како поспанит Џо!“, додаде Медведев.

Во друг пост на платформата X, Медведев одговори и на изјавата на американскиот сенатор Линдзи Греам, кој ја покани Москва да „седне на преговарачка маса“, подбивно нарекувајќи го „дедо“.

„Не е на тебе, ниту на Трамп, да одредувате кога ќе седнеме на преговарачката маса. Преговорите ќе завршат кога ќе бидат постигнати сите цели на нашата воена операција. Работете на вашата Америка, дедо!“, порача Медведев.

Трамп постави почетен рок од 50 дена во јули за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, заканувајќи се дека ќе воведе дополнителни царини доколку не се постигне договор. Тој рок неодамна беше скратен, а мерките против Русија беа дополнително заострени, наведува Политико.

Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, е познат како близок сојузник на Владимир Путин и главен „портпарол“ на Кремљ на социјалните мрежи. Неговата остра реторика и поддршката за инвазијата на Украина предизвикаа широка осуда од меѓународната заедница.

ИЗДВОЕНИ