
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот изјави дека е подготвен да воведе економски санкции врз Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на прекин на огнот, предупредувајќи за сериозни последици.
„Сакаме да заврши. Имаме економски санкции. Зборувам за економски бидејќи нема да влеземе во светска војна“, рече Трамп.
Трамп не постави нов временски рок за спроведување на санкциите доколку војната во Украина не биде запрена, објави „Си-ен-ен“.
„Нема да биде светска војна, но ќе биде економска војна. Ќе биде лошо за Русија“, рече Трамп.
Тој изрази надеж дека сè уште постои пат до медијација во постигнувањето договор за прекин на војната во Украина.
Трамп, исто така, повторно посочи дека украинскиот претседател Володимир Зеленски сноси дел од вината за конфликтот.
„Она што мислев дека ќе биде најлесното нешто што треба да се направи, се покажа како најтешко“, рече Трамп за војната во Украина, додавајќи дека сè уште верува дека може да помогне во завршувањето на конфликтот.
Трамп постојано се закануваше дека ќе воведе санкции врз Русија ако не ја заврши војната во Украина, поставувајќи временски рамки за тоа, но подоцна ги продолжи, објави „Си-ен-ен“.