
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделник изјави дека не планира да ја продолжи 90-дневната пауза за царините за повеќето земји по рокот за преговори на 9 јули и дека неговата администрација ќе ги извести земјите дека трговските санкции ќе стапат на сила доколку не се постигне договор.
Трамп изјави за „Фокс њуз“ дека известувањата за царини ќе почнат да се испраќаат до земјите со кои не е постигнат договор „прилично брзо“ како што се приближува рокот за преговори, објави „АП“.
„Ќе видиме како земјата се однесува кон нас, дали се однесува добро кон нас или не толку добро. Некои земји за кои не сме заинтересирани, само ќе испратиме многу писма“, рече Трамп.
Во писмата, рече Трамп, ќе пишува: „Честитки, ви дозволуваме да купувате во Соединетите Држави, ќе плаќате царини од 25 проценти, или 35 проценти, или 50 проценти, или 10 проценти“.
Трамп нагласи дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „има 200 земји“ и дека „не можете да разговарате со сите“.
Зборувајќи за односите со Кина, Трамп го пофали неодамнешниот трговски договор постигнат со Пекинг за извоз на ретки земјени елементи од Кина и рече дека воспоставувањето порамноправен однос меѓу двете земји би барало значителни царини.
„Мислам дека добар договор со Кина е многу добра работа. Кина ќе плати многу царини, но имаме голем (трговски) дефицит, тие го разбираат тоа“, рече Трамп.
Тој додаде дека би бил отворен за укинување на санкциите за испораките на иранска нафта во Кина ако Иран може да покаже „дека може да биде мирен“ и ако покаже дека „нема да им нанесе повеќе штета“ на Соединетите Држави.
Трамп, исто така, посочи дека САД не се плашат од одмазда од Пекинг, а на коментарот на водителот на Фокс њуз дека Кина се обидела да ги хакира американските системи и да украде интелектуална сопственост, Трамп одговори: „Не мислите ли дека им го правиме тоа?“
Американскиот претседател повтори дека САД „уништиле“ ирански нуклеарни објекти во воздушните напади и додаде дека секој што е вклучен во протекувањето на прелиминарна разузнавачка проценка за таа акција до медиумите, која сугерираше дека нуклеарната програма на Техеран била вратена само неколку месеци назад, треба да биде гонет.
Трамп рече дека Иран е „на неколку недели“ од стекнување нуклеарно оружје пред тој да ги нареди воздушните напади.
„Беше збришано како што никој досега не видел. И тоа значеше крај на нивните нуклеарни амбиции, барем за некое време“, рече Трамп.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денес во објава на платформата X рече дека Трамп „претерува“ кога зборувал за нуклеарната програма на Иран, „за да ја прикрие и скрие вистината“.
Зборувајќи за имиграциските политики на неговата администрација, Трамп рече дека е „најсилниот човек за имиграција што некогаш живеел“, но е и „најсилниот земјоделец што некогаш живеел“.
Трамп рече дека сака да депортира криминалци од Соединетите Американски Држави, но дека проблемот е кога земјоделците ги губат своите работници.
Тој рече дека неговата администрација работи на „некаков вид привремена дозвола“ што би можела да им даде на земјоделците и сопствениците на хотели контрола врз имиграциските рации на нивните имоти.