Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Truth Social изјави дека верува оти Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор. Тој додаде дека во тек се бројни повици и средби со цел да се смири ескалацијата.
„Иран и Израел треба да постигнат договор – и ќе го направат тоа. Исто како што преговарав за мир меѓу Индија и Пакистан користејќи трговија со САД за да донесам разум, кохезија и присебност во преговорите“, рече Трамп, пофалувајќи ги лидерите кои, како што вели, донеле брза одлука и „го запреле конфликтот“.
Тој, исто така, потсети на случајот со Косово и Србија за време на неговиот прв мандат.
„Србија и Косово тогаш беа на работ на војна, како што често беа со децении. Јас ја прекинав. Бајден уништи се на долг рок со глупави одлуки, но јас повторно ќе го поправам тоа“, додаде Трамп.
Како уште еден пример го спомена и спорот меѓу Египет и Етиопија за изградба на брана на Нил каде, според неговите зборови, интервенирал за да спречи конфликт.
„Има мир, барем засега, и така ќе остане. Исто така, наскоро ќе имаме мир меѓу Израел и Иран! Сега се одржуваат многу повици и состаноци. Работам напорно, но никогаш не ја добивам заслугата – и тоа е во ред, луѓето разбираат“, заклучи Трамп во објавата што ја заврши со зборовите: „Ајде Блискиот исток повторно да го направиме голем!“