Американскиот претседател Доналд Трамп се заложи денеска за напредок во преговорите за прекин на огнот во Газа и повика на договор за прекин на 20-месечниот конфликт со Израел.
Израелски функционер изјави дека премиерот на земјата, Бенјамин Нетанјаху, планира да патува во Вашингтон во наредните недели.
„Направете договор во Газа. Вратете ги заложниците!“ Трамп напиша утрово на својата социјална мрежа Truth Social.
Трамп постојано ги повикува Израел и милитантната исламистичка група Хамас да ја прекинат војната во Газа, а претходните обиди за прекин на огнот не беа успешни.
Синоќа тој ја критикуваше судската постапка против Нетанјаху, кому му се суди за корупција, нарекувајќи ја постапката „политички лов на вештерки“.
Трамп додаде на својата платформа дека судењето на Нетанјаху ги попречува преговорите за прекин на огнот.
Разговорите меѓу Израел и Хамас постојано пропаѓаа, главно околу тоа дали војната треба да заврши како дел од каков било договор за прекин на огнот.
Функционерот на Хамас, Махмуд Мердави, го обвини Нетанјаху за одложување на договорот и напиша на Телеграм дека Нетанјаху инсистира на привремен договор, кој би ослободил само 10 заложници.
Хамас тврди дека е подготвен да ги ослободи сите заложници во замена за целосно повлекување на израелската армија и крај на војната, а Израел ја отфрла оваа понуда, тврдејќи дека ќе ја заврши војната само ако Хамас се предаде и се разоружа.
Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, со напади на Хамас, во кои милитантите убија 1.200 луѓе и зедоа околу 250 заложници, од кои околу 50 се уште се заробени, а се верува дека помалку од половина се живи.
Израел одговори со убивање на повеќе од 56.000 луѓе, од кои повеќе од половина беа жени и деца, според здравствените службеници.
Војната предизвика хуманитарна катастрофа во Појасот Газа, раселувајќи го поголемиот дел од населението и уништувајќи голем дел од инфраструктурата.