Нема капка што би ја прелила чашата. Понекогаш мора да ги оставите да се борат и тие се борат. Во овој момент, мора да ги оставиме Русија и Украина сами да ја решат ова војна. И ова е тешка војна за Путин, тој изгуби многу војници, можеби милион. И тешко е и за Украина. Тешко е за двете страни Понекогаш мора да дозволите работите да стигнат до критична точка, изјави Трамп
Дали американскиот претседател, Доналд Трамп, планира дa се повлече од обидите да посредува меѓу Русија и Украина за крај на војната? Тој загатна таква можност во неделата, додека одговараше на новинарски прашања во претседателскиот авион „ер форс уан“ на пат од Палм Бич до Вашингтон.
Новинарите го прашаа што би можело да биде „последната капка“ кога станува збор за одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната во Украина, по што Вашингтон би можел да изврши посилен притисок врз Москва.
– Нема капка што би ја прелила чашата. Понекогаш, мора да ги оставите да се борат, и тие се борат. Во овој момент мора да ги оставиме Русија и Украина сами да ја решат ова војна. Oва е тешка војна и за Путин, тој изгуби многу војници, можеби милион. И тешко е и за Украина. Тешко е за двете страни. Понекогаш мора да дозволите работите да стигнат до критична точка, рече Трамп.
Исто така, најави дека барем засега, САД нема да ѝ ги испорачаат на Укарина бараните ракети со долг дострел „томахавк“. Но, додаде дека во иднина може да го смени мислењето.
–Не, не баш, одговори тој на новинарско прашање дали размислува да ѝ даде оружје на Украина.
„Си-ен-ен“ претходно објави дека Пентагон ѝ дал зелено светло на Белата куќа за испорака на ракети „томахавк“ на Украина, но дека конечната одлука е на Трамп. Тој, во октомври, за време на работниот ручек со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа изјави дека претпочита да не ги испорача ракетите на Украина затоа што „не сакаме да ги дадеме работите што ни се потребни за да ја заштитиме нашата земја“.
Во разговор со новинарите во неделата, Трамп, исто така, се дистанцираше и од намерата на Европската Унија да користи замрзнати руски средства за поддршка на Украина.
–Тоа е прашање за Европејците. Јас не го правам тоа. Она што се случува е дека, претпоставувам, Европа и Русија водат разговори. Јас не сум вклучен во тие разговори – рече тој.
Потврда дека односите меѓу САД и Русија се крајно заладени во неделата дојде и од Кремљ. Како што пренесе руската новинска агенција ТАСС, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во неделата изјавил дека нема потреба наскоро да се одржи физичка средба меѓу двајцата претседатели во врска со војната во Украина.
–Нема потреба брзо да се закажува средба во овој момент. Сега треба многу внимателно да работиме на деталите од договорот, изјавил тој, пренесе ТАСС.
Во таа изјава, тој го повторува ставот на Кремљ дека треба да се постигне политички договор пред да завршат борбите, со што се отфрлаат повиците од САД, Европа и Украина за прекин на огнот пред преговорите.
Пресврт во односот на Трамп кон Русија се случи откако тој најави средба со Путин во Будимпшта. Телефонските разговори што следуваа по таа најава ги убедија американските претставници дека Русија не е подготвена да ги омекне своите максималистички барања кон Украина. Трамп одлучи да го одложи самитот на неодредено време, велејќи дека тоа би бил „залуден состанок“, а потоа, на 22 октомври, првпат, воведе строги санкции врз две руски нафтени компании.












