Трамп му порача на „Епл“: Не сакам да произведувате во Индија, фокусирајте се на САД

50

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека директно побарал од извршниот директор на „Епл“ (Apple), Тим Кук, да го запре проширувањето на производството во Индија и да се фокусира на инвестирање во САД.

„Вчера имав мал проблем со Тим Кук. Му реков: „Пријателе, многу добро се однесував со тебе. Доаѓаш овде со 500 милијарди долари, но сега слушам дека градиш низ цела Индија“. Не сакам да градиш во Индија“, наведе Трамп.

Претседателот Трамп мислеше на ветувањето на Apple дека ќе инвестира 500 милијарди долари во САД, што беше објавено во февруари, пренесува CNN.

Apple веќе неколку години забрзано ги развива производствените капацитети во Индија, со цел во наредните години да состави околу 25 отсто од глобалните iPhone телефони во земјата.

Оваа стратегија е дел од напорите да се намали зависноста од Кина, каде што сè уште се произведуваат околу 90 отсто од iPhone-овите на Apple.

Изјавите на Трамп доаѓаат во време кога трговските односи меѓу САД и Индија се под притисок.

Белата куќа објави „реципрочни царини“ во април, вклучително и царина од 26 отсто за индиската стока, која беше привремено намалена до јули. Според Трамп, Индија неодамна потпиша трговски договор со Соединетите Држави, кој ќе вклучува „практично нула царини“ за широк спектар на американски стоки.

ИЗДВОЕНИ