Трамп лани му се заканил на Путин дека ќе ја бомбардира Москва, а сега е на пат да ѝ воведе санкции на Русија

525

На Путин му реков: „Ако влезете во Украина, ќе ја бомбардирам Москва до крај. Ви велам дека немам избор“. И потоа (Путин) рече: „Не ви верувам“. Но, тој ми веруваше 10 % “ – во аудиозаписот, вели Трамп на состанок за собирање средства за неговата претседателска кампања во 2024 година. Законот со кој би се вовеле високи царини за државите што увезуваат руска енергија, како и секундарни санкции против странските фирми што го поддржуваат руското производство, доби замав отако во него се вградени дополнителни овластувања за претседателот за привремено сопирање на санкциите. – Го разгледувам тоа многу сериозно. Тоа целосно зависи од мене – и да се донесе и да се укине – рече Трамп.

 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, на приватен состанок на донатори минатата година, рекол дека еднаш се обидел да го одврати рускиот претседател, Владимир Путин, од напад врз Украина, со закана дека ќе ја бомбардира Москва до крај, за одмазда. Ова се слуша на видеозапис доставен до Си-ен-ен, а објавен денеска.

– На Путин му реков: „Ако влезете во Украина, ќе ја бомбардирам Москва до крај. Ви велам дека немам избор. И потоа (Путин) рече: „Не ви верувам“. Но, тој ми веруваше 10 % – вели, според записот, Трамп на состанокот за собирање средства за неговата претседателска кампања.

Според записот, Трамп, исто така, тврди дека испратил слична порака до кинескиот претседател, Си Џинпинг, предупредувајќи го дека САД ќе го бомбардираат Пекинг ако Кина го нападне Тајван.

– Си мислеше дека сум луд. Но, никогаш немавме проблем – рече Трамп.

Снимки од повеќе затворени собири за донирање средства за вториот мандат на Трамп во Њујорк и во Флорида во 2024 година подоцна се доставени до новинарите Џош Доузи, Тајлер Пејџер и Исак Арнсдорф, кои детално опишуваат некои од нив во својата нова книга  „2024“. Аудиото претходно не е емитувано, а како што посочува Си-ен-ен, тимот на американскиот претседател одбил да коментира за содржината на снимките.

Аудиото покажува поотворена страна на Трамп, која тој бил подготвен да ја открие зад затворени врати за да им се допадне на богатите донатори – кога зборува не само за својата понекогаш агресивна стратегија за надворешната политика туку и за депортирањето на студентите демонстранти и за своето мислење дека „луѓето од социјалната помош“ секогаш ќе гласаат за демократите.

Кремљ вчера изјави дека не се сигурни во веродостојноста на статијата на Си-ен-ен за заканите на Трамп, објави „Ројтерс“. Прашан за извештајот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рекол за агенцијата: „Не можам да го потврдам или негирам ова, дури и да сакам. Дали е лажно или не, ние не знаеме. Има многу лажни вести овие денови“.

Си-ен-ен не го објавува точното време кога е дадена изјавата на Трамп, а „Вашингтон пост“ објави дека тој разговарал со Путин по телефон во ноември лани откако победи на претседателските избори, но сè уште не беше вратен во Белата куќа. Тогаш го предупредил Путин да не ескалира во Украина. Според весникот, Кремљ ги отфрлил извештаите за телефонскиот повик како „чиста фикција“.

Како што пишува „Ројтерс“, Трамп, кој вети дека брзо ќе ја заврши војната во Украина, е сè пофрустриран од Путин последниве месеци, бидејќи конфликтот сè уште се влече. Тој го насочи својот гнев кон шефот на Кремљ во текот на состанокот со претставниците на неговиот кабинет во Белата куќа, во вторникот, велејќи: „Добиваме многу глупости од Путин“. Трамп, исто така, рече дека размислува за воведување дополнителни санкции врз Москва. Тој сега и лично го поддржува долгоодложуваниот закон за остри санкции против Русија, објави денеска републиканскиот сенатор Линдзи Грејм, кој е еден од авторите на законот.

– Трамп ми рече дека е време за акција и ние тргнуваме – им рекол тој на новинарите во Сенатот, пренесува „Политико“.

Законот со кој би се вовеле високи царини за државите што увезуваат руска енергија, како и секундарни санкции против странските фирми што го поддржуваат руското производство, доби замав откако Грејм и демократскиот сенатор Ричард Блументал вградија во него дополнителни овластувања за претседателот за привремено сопирање на санкциите. Според новите одредби, Трамп би можел да ги одложи санкциите за по 180 дена, што, како што тврдат сенаторите, е одговор на барањето на Белата куќа за дополнителна флексибилност. Иако законот веќе некое време се смета за политички прифатлив во двата дома на Конгресот, раководството на републиканците не го става на гласање чекајќи сигнал од Белата куќа. Сега се чини дека пристигнал тој сигнал.

– Сигурен сум дека претседателот е подготвен да дејствува – рече Грејм.

Белата куќа не ја коментираше директно оваа негова изјава, но се осврна на изјавата на Трамп во вторникот дека „многу сериозно го разгледува законот“.

– Го разгледувам тоа многу сериозно. Тоа целосно зависи од мене – и да се донесе и да се укине – рече претседателот.

Се чини дека Трамп сега го менува тонот, откако претходно приватно изјави дека не верува дека санкциите ќе имаат ефект, а минатиот месец го критикуваше законот како „многу суров“.

 

ИЗДВОЕНИ