сабота, февруари 21, 2026
Дома СВЕТ Трамп контра одлуката на Врховниот суд: Најави зголемување на глобалните царини на...

Трамп контра одлуката на Врховниот суд: Најави зголемување на глобалните царини на 15 отсто

27
EPA/JIM LO SCALZO / POOL

Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави дека ќе воведе глобални тарифи од 15 отсто и продолжи да ја напаѓа одлуката на Врховниот суд со која се поништија неговите претходни увозни давачки.

Трамп вчера изјави дека ќе ги замени тарифите што ги укина судот со нов данок од 10 проценти за сите стоки што влегуваат во САД. Но, денес на неговата социјална мрежа Трут сошал објави дека оваа стапка сепак ќе се зголеми на 15 проценти.

Новите тарифи ќе почнат да важат од вторник, 24 февруари, и може да останат во сила околу пет месеци, по што администрацијата мора да побара одобрение од Конгресот.

Трамп во објавата ја критикуваше пресудата на судот и најави нови мерки.

„Врз основа на темелен, детален и целосен преглед на смешната, лошо напишана и екстремно неамериканска одлука за царина донесена вчера, по многу месеци размислување, од страна на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави, дозволете оваа изјава да послужи како потврда дека јас, како претседател на САД, ќе ја зголемам глобалната царина од 10 проценти на целосно дозволеното и правно проверливо ниво од 15 проценти. Ова ќе важи за земјите, од кои многу ги ‘ограбуваа’ САД со децении без никаква одмазда“, вели Трамп во објавата.

Тој вели дека во текот на следните неколку месеци администрацијата ќе донесува и спроведува нови, законски дозволени царини што ќе го продолжат „процесот на повторно правење на Америка голема – поголема од кога и да е“.

Царините од 10 отсто, што претходно ги најави, рече дека ќе бидат „дополнителни на нормалните тарифи што САД веќе ги наплаќаат“.

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави вчера донесе одлука со која поништи голем дел од царините што ги воведе админстрацијата на претседателот Донлад Трамп, повикувајќи се на закон наменет за вонредни ситуации, објавија светските медиуми.

Врховниот суд на САД, кој брои девет члена, гласајќи шест спрема три одучи дека законот од 1977, наменет за решавање на национални вонредни состојби, не дава правно оправдување за воведување царини од страна на админстрацијата на Трамп врз земји од целиот свет. Ова е прва пресуда на највисокиот суд на САД со која се поништува негова политичка одлука донесена во вториот мандат.

Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција во Белата куќа жестоко ја критикуваше одлуката на Врховниот суд на САД да ги поништи царините што ги воведе неговата администрацијата на стоките што доаѓаат од странство. Тој ја нарече одлуката „срам за нацијата“.

Тој кажа дека според неговото мислење, Врховниот суд одлуката ја донел под влијание на странски интреси и политичко движење, кое, како што кажа, е многу помало отколку што луѓето би помислиле.

ИЗДВОЕНИ