Американскиот претседател Доналд Трамп денес во Белата куќа потврди дека е „подготвен за втората фаза од санкционирањето на Русија“ поради војната во Украина. Во последните недели, тој изрази растечко незадоволство од Москва по средбата со Владимир Путин минатиот месец, но досега се воздржа од поостри мерки.
Изјавата на Трамп за можноста за зголемување на притисокот врз Москва или нејзините купувачи на нафта, следува поради фрустрациите околу војната во Украина. Трамп претходно постојано се закануваше со дополнителни санкции, но привремено ги откажа за да ги продолжи разговорите.
Најновите изјави укажуваат на заострување на ставот, иако американскиот претседател не прецизираше дали донел конечна одлука или што ќе вклучува „втората фаза“ од санкциите. На прашањето на новинарите во Белата куќа дали е подготвен за втората фаза од санкциите против Русија, Трамп одговори: „Да, сум“.
Asked whether he was ready for a second phase of sanctions against Russia, Trump gave a swift and seemingly unconsidered “I am.” pic.twitter.com/cFtdG10Gcc
— WarTranslated (@wartranslated) September 7, 2025
Трамп, како што објави Ројтерс, покажува растечко разочарување што не успеал да ги запре борбите во Украина, иако на почетокот на својот мандат, преземајќи ја функцијата во јануари, тврдеше дека војната може брзо да заврши.
„Подготвени сме да го зголемиме притисокот врз Русија, но сакаме нашите европски партнери да нè следат“, изјави претходно денес американскиот министер за финансии Скот Бесент, додавајќи: „Сега трката е да се види колку долго може да издржи украинската армија и колку долго руската економија“, рече Бесент.
„Доколку САД и Европската Унија воведат дополнителни санкции, вклучително и секундарни тарифи за земјите што купуваат руска нафта, руската економија целосно ќе се сруши и тоа ќе го донесе претседателот Путин на преговарачката маса“, додаде тој.