Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи преку социјалната мрежа „Вистина“ и откри дека во понеделник ќе разговара со рускиот и украинскиот претседател, со цел што побрзо да се заврши конфликтот и војната меѓу овие две земји.

„Ќе разговарам со претседателот Владимир Путин во понеделник во 10 часот. Главната тема на нашиот разговор ќе биде да се запре крвопролевањето во кое, во просек, се убиваат повеќе од 5.000 руски и украински војници неделно, а трговијата е исто така нападната. Потоа ќе разговарам со претседателот на Украина, Зеленски, а потоа и со разни членки на НАТО. Се надеваме дека ќе биде продуктивен ден, дека ќе се постигне прекин на огнот и дека оваа насилна војна, војна што никогаш не требаше да се случи, конечно ќе заврши“, напиша Трамп.

Трамп изјави дека ништо нема да се случи меѓу Русија и Украина, во однос на мировниот договор, сè додека лично не се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Неговата реакција уследи по информацијата дека Путин нема да присуствува на мировните преговори во Турција.

Додека Зеленски лично патуваше во Турција, Путин ја испрати својата делегација. Рускиот претседател не дојде во Истанбул и покрај поканата на украинскиот претседател Зеленски директно да разговараат за завршување на војната по повеќе од три години борби. Путин и Зеленски разговараа директно за прв и последен пат во декември 2019 година. Дури ни американскиот претседател Доналд Трамп не доаѓа на преговорите во Истанбул, иако во изминатите денови ја спомена таа можност доколку Путин се појави.

ИЗДВОЕНИ