
Не се гледа крајот на глобалната економска криза предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток. Во средата, најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе соопшти нешто во врска со Иран, за кратко ја намали цената на нафтата и ги крена берзите, во надеж дека тој ќе објави крај на војната. Но, она што го кажа, беше нешто друго.
Во вонредно телевизиско обраќање до нацијата, рано изутрина во четвртокот, по наше време, Трамп рече дека САД ги уништиле иранската морнарица и воздухопловните сили и ги осакатиле неговите балистички ракетни и нуклеарни програми, повторувајќи дека во наредните денови жестоко ќе удрат на Иран и со бомбардирање ќе го вратат во камената доба. Тој не понуди јасен временски рок, ниту изложи конкретен план за завршување на војната, освен што рече дека САД ќе ја завршат работата „многу брзо“.
Како што оцени „Ројтерс“, 19-минутниот говор на Трамп не донесе многу новости и им понуди малку верба на Американците и американските сојузници кои чувствуваат зголемена болка на бензинските пумпи и зголемено нетрпение поради војната. Акциите паднаа, доларот зајакна, а цената на нафтата се зголеми кратко време по коментарите на Трамп, што одразува широко распространето чувство дека конфликтот, веројатно, ќе се одолговлекува некое време. Иако во претходните денови повтори дека Техеран е воено неутрализиран, Трамп истакна дека САД ќе продолжат да напаѓаат енергетски цели во Иран уште две или три недели.
На неговиот говор дојде експресен одговор од Иран. Маџид Мусави, командант на Воздухопловните сили на Револуционерната гарда, рече дека Америка ги испраќа своите војници во смрт, а не ја загрозува цивилизацијата на Иран, која трае повеќе од 6.000 години. Во порака објавена во иранските медиуми, тој ја критикуваше реториката на Трамп како „холивудска илузија“, што има токсичен ефект врз американското размислување.
–Со само 250 години историја, вие се заканувате на цивилизација што постои повеќе од шест милениуми, напиша Мусави и истакна дека Иран е подготвен да ја брани својата цивилизација, а дека ваквите закани нема да останат неодговорени.











