Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека денес ќе потпише извршна наредба со која ќе се овозможи Министерството за одбрана да се преименува во Министерство за војна, име кое се користеше до 1949 година.
Минатиот месец, Трамп изјави дека е спремен да го преименува воениот оддел како дел од напорите за промена на сликата за моќта поврзана со американската војска.
„Министерство за војна – едноставно звучи подобро. Секако дека сакаме да бидеме дефанзивни, но понекогаш мора да бидеме офанзивни. Како Министерство за војна, ние сме победиле во сè“, рече Трамп, пренесува „Вашингтон тајмс“.
Министерот за одбрана Пит Хегсет објави на мрежата X со големи букви „Министерство за војна“ со линк до статија на „Фокс њуз“ која прв ја објави планираната извршна наредба.
Иако претседателот не може официјално да го промени името на федерален оддел без одобрение од Конгресот, наредбата што ќе ја потпише денес дозволува употреба на „алтернативно име“, што значи дека името „Министерство за војна“ ќе се користи во јавни настапи и внатрешни комуникации.
„Министерство за војна“ беше оригиналното име од неговото основање во 1789 година до реформата во 1947 година, кога администрацијата на тогашниот американски претседател Хари Труман ги спои Армијата, Морнарицата и новоформираните воздухопловни сили во еден оддел – Министерство за одбрана.
Името официјално беше променето во „Министерство за одбрана“ во 1949 година.