Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги угости израелските заложници ослободени од палестинското милитантно движење Хамас како дел од мировниот договор за прекин на огнот во Газа во Белата куќа во четврток, 20 ноември, изјави извор запознаен со поканата на американскиот претседател за „Тајмс оф Израел“.
Изворот рече дека Трамп нема да испрати авион за транспорт на поранешните заложници во Вашингтон, како што претходно неофицијално беше објавено во медиумите, туку дека поранешните заложници и нивните семејства ќе дојдат во Вашингтон со комерцијални летови, на трошок на израелската влада.
Белата куќа ги покани сите 20 заложници кои беа ослободени од Хамас според мировниот договор за прекин на огнот во Газа на 13 октомври.
Ослободените заложници беа меѓу 251 лице киднапирано од Хамас во напад врз јужен Израел во октомври 2023 година, кога, според израелски извори, беа убиени околу 1.200 луѓе, по што започна војната во Газа во која, според палестински извори, беа убиени повеќе од 65.000 луѓе.












