Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека рускиот претседател Владимир Путин „можеби намерно ги одложува разговорите за прекин на огнот во војната во Украина“ и изрази разочарување поради засиленото руско бомбардирање.
„Ќе откриеме дали нè завлекува или не, и ако е така, ќе одговориме малку поинаку“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, пренесе Ројтерс.
Тој истакна дека не може да каже дали Путин сака да стави крај на војната и дека ќе му треба околу една недела за да дознае. Трамп рече дека е разочаран од она што се случи во Украина и дека не му се допаѓа да гледа како проектили се гаѓаат кон градовите.
Американскиот претседател исто така рече дека ќе седне да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и, доколку е потребно, со Путин. Зборувајќи за тоа зошто не воведе санкции кон Русија, Трамп рече дека не сака да го уништи договорот.