На претстојниот состанок, Владимир Путин ќе му предложи на Доналд Трамп Русија да ја задржи контролата врз окупираните украински територии во замена за повлекување од некои делови од фронтот, објавува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на висок европски дипломат и украински функционер.
Според весникот, Трамп би можел да ги повика Украина и нејзините европски сојузници да го прифатат овој предлог.
Сепак, малку е веројатно дека Киев и другите европски престолнини ќе прифатат таков план, а отфрлањето би му одело во прилог на Путин. Потоа Трамп би можел да ја обвини Украина за продолжување на воените дејствија и да ја суспендира разузнавачката и воената поддршка.
„САД би можеле целосно да се повлечат од дипломатскиот процес, оставајќи ги Москва и Киев да продолжат со она што Трамп долго време го нарекува „војна на Бајден“, се наведува во анализата на „Волстрит џурнал“.
Игор Јушков, експерт на Финансискиот универзитет и Фондот за национална енергетска безбедност, верува дека Трамп и Путин би можеле да разговараат за подготвеноста на Вашингтон да укине дел од санкциите против Москва.
Според него, Вашингтон може да си дозволи да увезува руска нафта и нафтени деривати.
Прашањето за ултиматумот на Трамп, кој вклучува воведување на 100-процентни секундарни царини за Москва и нејзините трговски партнери, исто така останува отворено. Со ваквите акции, американскиот претседател има намера да ја притисне Русија кон прекин на огнот во Украина.