Одлуката на САД за привремена пауза на издавањето иселенички визи за македонските граѓани не значи ниту прекин на визните постапки ниту ставање на земјава на црната листа, уверува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој вчера појасни дека мерката се однесува исклучиво на иселеничките визи, за кои, како што рече, има најмал број апликации, кои, пред сè, доаѓаат од повозрасната категорија граѓани и дека ваквата одлука не ги засега студентите, бизнисмените, туристите и другите категории граѓани, нагласувајќи дека постои континуирана и активна комуникација со Вашингтон и дека во наредниот период се очекуваат позитивни поместувања во визната политика.
– Не прекин, не црна листа, туку пауза за постапките за иселенички визи. Ова не влијае на сите други постапки за издавање визи за САД. Доколку сте стопанственик што сака да патува во САД, слободно можете да аплицирате за виза. Доколку сте студент што или сака да студира во САД или да оди на „work and travel“, ова нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, еве, на пример, Светското првенство во фудбал ќе се одржува таму, исто така ќе можете да патувате туристички и оваа одлука нема да има никакво влијание врз вас – изјави Муцунски.
На прашањето дали македонските власти побарале објаснување од САД за ваквата одлука за визите, Муцунски рече дека разговарале за причините, но дека е некоректно тој да ги изнесува аргументите што доаѓаат од другата страна и што може да ги образложат само од Вашингтон.
– Не сме единствена земја членка на НАТО, не сме единствена членка од регионот што, по прашањето на иселеничките визи, е во оваа група. Дискусијата ќе продолжи во идниот период. Ќе повторам не е некаква црна листа, се работи за пауза за иселеничките визи. Во однос на сите други категории, политиката останува иста – рече Муцунски.
Позитивно изненадување?!
Министерот рече и дека приоритет на државата во делот на визната политика со другите држави не се иселеничките, туку визите насочени кон развојот на државата – за стопанственици, научници и за студенти, за кои, како што рече, нема промена со новитетите од американската администрација. Тој посочи дека се во комуникација со Амбасадата на САД во Скопје, дека македонската Амбасада во Вашингтон комуницира со американскиот Стејт департмент и најави позитивни промени од билатерална природа наскоро, можеби и за шест месеци.
– Работиме на изнаоѓање решение и нашите граѓани не треба да се грижат. Кога има предизвик, наша работа е да најдеме решение. Оставете малку на времето и на нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па, можеби, во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме – рече македонскиот шеф на дипломатијата и потсети на обврската на земјава да ги прифати македонските државјани што нелегално престојуваат во САД и САД ги депортираат.
На прашањето дали последната одлука на САД ја доживува како дипломатски пораз, министерот се наврати на примерот со тарифите.
– Перцепциски, ова ме потсетува на целокупната приказна со тарифите. Кога излегоа податоците за тарифите, слушав критики дека сме вброени меѓу земјите со највисоки тарифи, но кога издејствувавме да бидеме помеѓу земјите со најниски тарифи за индустриите што се значајни за нас, кога издејствувавме да спасиме работни места во компаниите, истите тие критичари никаде не ги слушнав. Ние имаме со САД таков однос во кој ги решаваме сите прашања од ваков вид. Видовте, во делот на тарифите имаме меѓу најдобрите тарифни рати не само во Европа туку и пошироко – рече Муцунски.
Сериозни сигнали од Вашингтон
Иако Владата уверува дека станува збор за техничка пауза и дека одлуката на САД за имигрантските визи не треба да предизвикува загриженост, дел од аналитичарите предупредуваат дека сигналите од Вашингтон се многу посериозни. Според нив, вклучувањето на Македонија на листата со земји за кои е запрено издавањето имигрантски визи е резултат на долгогодишни негативни трендови – од масовното иселување до нарушениот рејтинг на државата кај американските институции – и ја доведува во прашање реалната тежина на наводното стратешко партнерство со САД. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека одлуката на САД за прекин на обработката на имигрантски визи за македонските државјани не е за изненадување, а и селекцијата на земји што се најдоа на листата не е случајна.

– Најновата американска мерка за прекин на издавањето имигрантски визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија, иако нашето МНР, Муцунски, вели пауза, воопшто не е за изненадување. Таа одлично се вклопува во вкупната политика на Трамп кон мигрантите, со која се погодени милиони лица од целиот свет. И листата од 75 земји не е случајна. Таа, секако, е резултат на нивните анализи дека одреден процент лица од овие држави и досега завршувале како социјални случаи. Која држава сака такви дојденци? Познато е дека сите западни држави, нагласено САД, Австралија, Канада… водат сметка и за злоупотребата на сите други визи, преку продолжен престој од дозволениот, на пример, и затоа третманот при издавањето е соодветен на однесувањето на граѓаните на односната држава. Бидете сигурни дека нашиот рејтинг врз таа основа не е висок. За тоа имам директни потврди од Австралија – вели амбасадорот.
Според него, земјава нема некакви специјални односи со САД и предупредува дека никој не може да знае до кога ќе трае оваа мерка со која Соединетите Американски Држави ја замрзнуваат обработката на имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои и Македонија, почнувајќи од идната среда, 21 јануари, како дел од заострувањето на имиграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
– Ние се залажуваме дека имаме договор за стратешко партнерство со Вашингтон. Тоа е нечија измислица. Имаме само декларација од половина страница, подарена како утешна награда од страна на Џорџ Буш Помладиот, по неговата неисполнета најава дека Македонија ќе стане членка на НАТО, во Букурешт (2008). Таа нема никакво практично значење. И, дополнително, никој нека не се залажува дека имаме некакви специјални односи со САД. Ние сме нивни стратешки партнер, бидејќи правиме сè што ќе побараат од нас, ама не се и тие наш. Зошто Србија не е на листата, веројатно, е резултат на нејзиниот подобар рејтинг во однос на досегашното користење американски визи. А до кога ќе трае оваа мерка, никој не знае – смета Никовски.
Поранешниот амбасадор, Љупчо Арсовски, исто така посочува дека американските експерти ја следат состојбата во земјава и презентираат извештаи во Вашингтон.

– Мислам дека има повеќе димензии и значење ова ставање на листа каде што сме со една специфична дружина, независно дали има земји и од Балканот, кој е простор каде што луѓето заминуваат во европските земји по работа и се селат комплетно, бидејќи не веруваат дека во земјите во кои живеат, вклучувајќи ја и Македонија, можат да си најдат место под сонцето. Во рамките на тоа, да потсетам дека кај нас низ јавните гласила државни функционери изјавуваат дека ќе се грижат да ги вратат луѓето во земјава. Ова е далеку од вистината, треба да има можности да се реализира тоа што се ветува. Американската Амбасада има експерти што ја следат целата работа и ја презентираат ситуацијата. Администрацијата презема одредени мерки, предупредуваат дека земјава има проблем, затоа што луѓето заминуваат од државата и со тоа се потенцијални кандидати за престојување во САД, надвор од дозволеното. Кога ќе завршат анализите на администрацијата, сите информации ќе бидат презентирани и тогаш ќе се донесе конечна одлука – вели дипломатот од кариера, Арсовски.
Почнувајќи од 21 јануари, Стејт департментот на САД го суспендира издавањето на сите визи за барателите на имигрантски визи за 75 земји, како дел од заострувањето на имиграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Мерката се воведува на неопределено време, додека трае ревизијата на процедурите за проверка и процена на апликантите, со цел да се спречи влез на лица за кои се смета дека би можеле да станат „јавен товар“, односно да зависат од социјална помош. Рестрикцијата важи за: Авганистан, Албанија, Алжир, Антигва и Барбуда, Ерменија, Азербејџан, Бахами, Бангладеш, Барбадос, Белорусија, Белизе, Бутан, Босна и Херцеговина, Бразил, Бурма, Камбоџа, Камерун, Зелен ’Рт, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Демократска Република Конго, Доминика, Египет, Еритреја, Етиопија, Фиџи, Гамбија, Грузија, Гана, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Хаити, Иран, Ирак, Јамајка, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Киргистанска Република, Лаос, Либан, Либерија, Либија, Молдавија, Монголија, Црна Гора, Мароко, Непал, Никарагва, Нигерија, Македонија, Пакистан, Република Конго, Русија, Руанда, Свети Китс и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Танзанија, Тајланд, Того, Тунис, Уганда, Уругвај, Узбекистан и Јемен. (В.С.Н.)
Имигрантите да бидат финансиски независни, а не товар за Американците
Од Стејт департментот појаснија зошто е донесена оваа одлука и дали се однесува ова на граѓаните што веќе имаат ваков вид виза и дали ќе влијае тоа на оние што патуваат во САД како туристи.
– Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека имигрантите мора да бидат финансиски независни и не смеат да бидат финансиски товар за Американците. Стејт департментот спроведува целосен преглед на сите политики, прописи и упатства за да се осигури дека имигрантите од овие земји со висок ризик нема да користат социјална помош во Соединетите Држави или да станат јавен товар – се вели во соопштението.
Според новите правила, постарите или лицата со прекумерна телесна тежина би можеле да бидат одбиени, како и оние што во минатото користеле државна парична помош или биле институционализирани. Имиграцијата од овие 75 земји ќе биде на пауза додека Стејт департментот повторно ги проценува процедурите за да се спречи влез на странски државјани што би користеле социјална помош и јавни бенефиции.












