Кремљ ги објави имињата на функционерите кои ќе го придружуваат претседателот Владимир Путин на претстојниот самит во Алјаска, прв ваков состанок од 2021 година. Составот на делегацијата дава јасен увид во можната агенда на состанокот што ќе се одржи на Алјаска.

Петчлената делегација ги вклучува претседателскиот помошник Јуриј Ушаков, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, министерот за финансии Антон Силуанов и раководителот на Рускиот фонд за директни инвестиции Кирил Дмитриев. Секој од нив носи специфична тежина и ги означува темите што ќе се дискутираат.

Присуството на Лавров и Ушаков, искусни дипломати клучни за обликувањето на руската надворешна политика, беше очекувано. Лавров е на чело на Министерството за надворешни работи повеќе од две децении, додека Ушаков, како клучен советник на Путин и поранешен амбасадор во САД, е длабоко запознаен со билатералните односи.

Од друга страна, доаѓањето на министерот за одбрана Белошов и министерот за финансии Силуанов е јасен сигнал дека разговорите ќе одат подалеку од војната во Украина. Нивното учество сугерира дека прашањата за стратешка безбедност и потенцијалното олеснување на економските санкции исто така ќе бидат на дневен ред.

Последниот член на делегацијата, Кирил Дмитриев, е познат по своите блиски врски со семејството Путин и неговата улога во поврзувањето на Кремљ со меѓународните бизнис кругови. Неговото присуство сугерира дека економските теми и инвестициите би можеле да бидат дел од преговорите.

Агенцијата Ројтерс објави официјални информации за тоа кој ќе ја сочинува делегацијата на Соединетите Американски Држави за време на овој исклучително важен самит. Според информациите, покрај Трамп, во Алјаска пристигнуваат и: државниот секретар Марко Рубио, министерот за финансии Скот Бесант, министерот за трговија Хауард Лутник, специјалниот пратеник Стив Виткоф, портпаролката на Белата куќа Керолин Левит, директорот на ЦИА Џон Ратклиф, шефот на кабинетот Сузи Вајлс и заменикот Ден Скавино.

По повод состанокот, кратко се обрати и американскиот претседател Доналд Трамп, опишувајќи го самитот во една реченица.

„Влоговите се високи“, напиша Трамп.

ИЗДВОЕНИ