EPA/WILL OLIVER / POOL

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во разговор со норвешкиот министер за финансии за трговските тарифи минатиот месец, постави и прашање за Нобеловата награда за мир.

„Министерот за финансии Јенс Столтенберг шетал по улиците на Осло, кога Доналд Трамп одеднаш го повикал“, објави весникот, повикувајќи се на неименувани извори, и додаде дека американскиот лидер сакал да разговара за царините, но и за неговата желба да ја освои Нобеловата награда.

Норвешкиот весник ги цитираше зборовите на Столтенберг, кој рече дека телефонскиот разговор бил поврзан со трговските царини и економската соработка пред разговорот на Трамп со премиерот Јонас Сторе. На прашањето дали Трамп поставил прашање за Нобеловата награда, министерот за финансии рече дека не сака понатаму да навлегува во содржината на разговорот.

Весникот наведе дека не е прв пат Трамп да ја спомене оваа тема во разговор со Столтенберг, поранешниот генерален секретар на НАТО.

Неколку земји, вклучувајќи ги Израел, Пакистан и Камбоџа, го номинираа Трамп за оваа награда за посредување во мировни договори или договори за прекин на огнот, додека самиот претседател рече дека ја заслужува наградата доделена од Норвешка, која им беше дадена на четворица негови претходници, објави Ројтерс.

Белата куќа, норвешкото Министерство за финансии и Норвешкиот Нобелов комитет сè уште не ги коментираа овие обвинувања.

Добитниците на наградата за мир ги избира Норвешкиот Нобелов комитет, чии пет члена ги назначува норвешкиот парламент, според желбите на шведскиот индустријалец од 19 век, Алфред Нобел. Одлуката за добитникот на Нобеловата награда за мир ќе биде објавена во Осло во октомври, потсети агенцијата.

На 31 јули, Белата куќа објави дека воведува царина од 15 проценти за увоз од Норвешка, како и од Европската Унија. Столтенберг вчера изјави дека Норвешка и САД сè уште преговараат за тарифите, објави Ројтерс.

ИЗДВОЕНИ