Трамп ја предупредува Украина: Секој пат кога одолговлекувате, Русија се предомислува

127
Фото: EPA

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Киев треба да побрза со постигнување договор со Москва за прекин на војната, пред новата рунда разговори планирана за претстојниот викенд во Мајами.

Зборувајќи во Овалната соба, Трамп нагласи дека преговорите се во деликатна фаза. – Тие се блиску до нешто, но се надевам дека Украина ќе дејствува брзо. Секој пат кога премногу одолговлекуваат, Русија се предомислува – изјави Трамп за новинарите, објави Ројтерс.

Белата куќа објави дека специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и неговиот зет Џаред Кушнер, треба да се сретнат со претставници на руската делегација во Мајами, како дел од напорите на Вашингтон да посредува во приближувањето на ставовите на Москва и Киев.

Пред тоа, Виткоф и Кушнер одржаа дводневни разговори со украинските претставници во Берлин, во недела и понеделник, што беше дел од поширока дипломатска иницијатива.

Американските претставници велат дека имаат впечаток дека двете страни се релативно блиску до договор, но предупредуваат дека останува сериозна пречка – инсистирањето на Русија во секое можно решение да задржи дел од украинската територија.

Според извори запознаени со преговорите, нацрт-мировниот договор ја разгледува и можноста Украина да добие безбедносни гаранции моделирани според Член 5 на НАТО, кој го вклучува принципот на колективна одбрана.

ИЗДВОЕНИ