Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека го прекинал пријателството со Џефри Епстајн затоа што озлогласениот финансиер постојано „крадел“ млади жени кои работеле во неговиот спа-центар Мар-а-Лаго, вклучувајќи ја и тогаш 17-годишната Вирџинија Џуфре.
Зборувајќи со новинарите во „Ер Форс Уан“ по враќањето од петдневното патување во Шкотска, Трамп потврди дека Епстајн вработил луѓе од имотот на Трамп, и покрај предупредувањата да не го прави тоа.
– Тој земаше луѓе што работат за мене, му реков да не го прави тоа повеќе, но тој не ме послуша. Му реков повеќе да не доаѓа тука, рече Трамп, пренесува „Индипендент“.
На прашањето дали Вирџинија Џуфре, која некогаш работела во соблекувалната на базенот Мар-а-Лаго и чиј татко бил градинар, е меѓу вработените што Епстајн ги „украл“, Трамп потврди дека таа е една од нив.
Џуфре, која ги обвини принцот Ендру и Џефри Епстајн за сексуален напад, изврши самоубиство кон крајот на април на 41-годишна возраст.
Таа беше една од жените кои најгласно зборуваа за злосторствата на осудените сексуални престапници Епстајн и неговата поранешна девојка Џилијан Максвел.
Таа тврдеше дека ја подвеле кај војводата од Јорк кога имала 17 години, што принцот Ендру категорично го негираше.