Претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа го ублажи тонот во врска со идната федерална поддршка за Њујорк по убедливата изборна победа на Зохраб Мамани, сугерирајќи дека е отворен за обезбедување помош за Њујорк откако претходно се закани дека ќе го намали финансирањето, пренесува Си-Ен-Ен.
Трамп ја повтори својата проценка дека, како што изјави, комунистите, марксистичките социјалисти и глобалистите имале своја шанса, но дека тие „донеле само катастрофа“, но изјави дека ќе му помогне на Њујорк затоа што сака градот да успее.
„Сега да видиме како ќе се снајдат комунистите во Њујорк. Ќе видиме како ќе заврши тоа. И ќе им помогнеме. Сакаме Њујорк да успее. Можеби малку ќе им помогнеме“, рече Трамп за време на говорот на економска конференција во Мајами.
Трамп рече дека политиките на Мамдани, демократски социјалист, ги одразуваат ставовите на демократите во Конгресот.
„Ако сакате да видите што демократските конгресмени сакаат да ѝ направат на Америка, само погледнете ги резултатите од вчерашните избори во Њујорк, каде што нивната партија назначи комунист за градоначалник на најголемиот град во земјата. Одлуката пред сите Американци не може да биде појасна – имаме избор помеѓу комунизмот и здравиот разум“, рече Трамп синоќа.
Трамп предупреди пред изборите во Њујорк дека ако Мамдани победи, може да го ограничи федералното финансирање на Њујорк, над минимумот што е пропишан со закон.
Тој рече дека ќе го поддржи поранешниот гувернер на Њујорк, Ендру Куомо, наместо Мамдани, наведувајќи дека, иако не е „обожавател“ на Куомо, ако му се даде избор помеѓу лош демократ и комунист, секогаш ќе го избере „лошиот демократ“.












