Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп изјави дека во телефонски разговор претседателот на Русија, Владимир Путин, во средата му рекол дека „многу силно“ ќе одговори на нападот со украински дронови врз руските аеродроми, за кој, како што тврди Белата куќа, Америка не знаела дека ќе се случи.
Нема напредок во напорите за прекин на непријателствата меѓу Москва и Киев, а претседателот на Украина Володимир Зеленски го отфрли рускиот предлог за прекин на огнот.
Трамп на социјалните мрежи објави дека неговиот разговор со Путин бил долг, и дека тоа е „добар разговор, но не и разговор кој веднаш ќе доведе до мир“.
САД, предводени од Трамп, се обидуваат да ја запрат војната што започна со руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Американскиот претседател не кажа како реагирал на ветувањето на Путин дека ќе одговори на смелиот напад на Украина врз цели длабоко во Русија, но неговата објава не содржи ниту дел од неговата неодамнешна фрустрација со Путин, кога Трамп го молеше да престане со непријателствата и, меѓу другото, напиша дека рускиот лидер „апсолутно полудел“.
Сепак, американскиот претседател не го поддржа заедничкиот предлог на републиканците и демократите за воведување нови санкции кон Путин.
Трамп рече дека со рускиот претседател разговарал и за иранската нуклеарна програма.
Не е познато дали Трамп планира да разговара со Зеленски, кој го нарече рускиот предлог за прекин на огнот „ултиматум“ и го повтори барањето директно да разговара со Путин. Путин, сепак, го одбива тоа и е лут поради украинските, како што ги нарече, „терористички“ напади на руските железници во Курск и Брјанск.