Трамп има нов официјален портрет: „Помрачен“ од претходниот

27

Белата куќа објави нов официјален портрет на американскиот претседател Доналд Трамп, на кој тој е прикажан во малку потемно осветлување од портретот објавен пред неговата инаугурација во јануари.

На најновиот портрет, Трамп носи препознатлива црвена вратоврска, а неговото лице е нагласено со длабоки сенки, наведува Си-Би-Ес.

Претходната фотографија имаше американско знаме во позадина, додека новата верзија го прикажува Трамп пред црна позадина.

Двете фотографии се направени од главниот фотограф на Белата куќа, Даниел Торок. Белата куќа во понеделник сподели кратко видео од поставувањето на нов портрет во зградата на Извршната канцеларија на Ајзенхауер.

Претставник на Белата куќа изјави за Си-Би-Ес дека ажурираниот портрет наскоро ќе ги замени официјалните фотографии на Трамп кои веќе беа закачени во федералните згради и канцеларии.

Новата верзија веќе е ажурирана на веб-страницата на Белата куќа. Официјалниот портрет од првиот мандат на Трамп го прикажува како широко се смее пред американското знаме и носи сина вратоврска.

ИЗДВОЕНИ