Трамп и Зеленски договорија 90 проценти мир во Украина

По средбата, двајцата претседатели посочија дека постигнале голем напредок во финализирање на мировниот договор од 20 точки. Според Трамп, опфатени се 95 проценти од мировниот план, а според Зеленски, договорени се 90 проценти од точките. По средбата, Кремљ испрати јасна и остра порака: Киев мора да се повлече од деловите на Донбас што сè уште се под украинска контрола, ако сака да се постигне мир. Во спротивност, ризикува дополнителни територијални загуби

123
EPA/PRESIDENTIAL PRESS SERVICE
На состанокот во Флорида нема согласност за територијалното прашање

Договорени се 90 проценти мир во Украина. Остатокот се клучни прашања, кои допрва треба да се усогласат, а се однесуваат на територијата.

Вака може да се парафразира она што го рекоа украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот Доналд Трамп по средбата во Флорида во неделата, на која ѝ претходеше два и полчасовен телефонски разговор на Трамп со рускиот претседател, Владимир Путин. По средбата, и Трамп и Зеленски посочија дека постигнале голем напредок во финализирање на мировниот договор од 20 точки. Според Трамп, опфатени се 95 проценти од мировниот план, а според Зеленски, договорени се 90 проценти од точките.

Дописникот на „Скај њуз“, Марк Стоун, во анализата на најзначајните моменти од изјавите на Трамп и Зеленски вели дека она што најмногу одекнува кај американскиот претседател е неговата процена дека „едно или две многу чувствителни прашања“ останаа нерешени во преговорите. Тој рече дека е постигнат голем напредок, но нагласи дека тоа не е процес што може да се заврши за еден ден бидејќи некои прашања се исклучително сложени. Според Стоун, Зеленски го имал најјасниот и најзначајниот момент на инаку „растегнатата и донекаде збунувачка“ прес-конференција. Тој се обиде да ја сумира состојбата на преговорите преку проценти: рече дека околу 90 проценти од „мировниот план од 20 точки“ е договорен, дека безбедносните гаранции меѓу САД и Украина се целосно договорени, додека безбедносните гаранции меѓу САД, Европа и Украина се „скоро договорени“. Ова потврдува дека Зеленски ги прифатил американските гаранции, но и дека сè уште има работа за дефинирање на американско-европската безбедносна соработка.

– Ова е клучно прашање бидејќи вклучува можност за испраќање европски сили во Украина, што е „црвената линија“ на Русија, а Трамп е добро свесен за тоа, заклучува Стоун.

Нерешените пет или 10 проценти од планот кои ги споменуваат двајцата претседатели се, всушност, каменот на сопнување низ целиот процес на мировни преговори, а тоа се територијалните отстапки што ги бара Русија од Украина. По ова прашање, Кремљ вчера ја објави првата официјална реакција по средбата на Трамп и Зеленски, испраќајќи јасна и остра порака: Киев мора да се повлече од деловите на Донбас што сè уште се под украинска контрола ако сака да се постигне мир. Во спротивност, ризикува дополнителни територијални загуби.

Предлогот регионот Донбас во источна Украина, кој е претежно контролиран од Русија, да се претвори во демилитаризирана зона, останува „нерешен“, потврди Трамп. Русија, која почна целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, моментално контролира околу 20 % од украинската територија.

Што се однесува до безбедносните гаранции, САД ги дава за период од 15 години, иако Зеленски ги бара на 50 години. Но, самата изјава на украинскиот претседател дека се 100 проценти договорени, упатува на тоа дека се сложил на 15 години.

Вчера, ден по состанокот, Зеленски во комуникација со новинарите преку „Ватсап“ изјави дека во наредните денови ќе се одржат состаноци со европски и американски советници, по што ќе следуваат дискусии за деталите од мировниот план на ниво на Коалицијата на волните, а потоа и можни состаноци со претставници на Руската Федерација. Тој навести и можност за средба со Путин. Според него, Коалицијата на волните ќе договори релевантни документи на ниво на европски лидери, а ќе се направат подготовки за состанок меѓу европските лидери и Трамп. По сите овие состаноци, ако сè оди чекор по чекор, треба да се одржи состанок со Русите „во една или друга форма“. Исто така, изјави дека е подготвен да се сретне со Путин во кој било формат, но дека е потребно „зборовите и делата“ на рускиот лидер да се совпаѓаат.

– Малку е чудно што Путин му кажува на американскиот претседател дека сака војната да заврши, а во исто време во медиумите вели дека е подготвен да ја продолжи војната. Тој испукува ракети кон нас, отворено зборува за тоа, се радува на уништувањето цивилна инфраструктура и им наредува на генералите каде да одат и што да запленат – рече Зеленски, пренесува „Униан“.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во многу блиска иднина ќе има телефонски разговор меѓу Путин и Трамп.

 

ИЗДВОЕНИ