Кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп изјавија дека денес имале добар и конструктивен телефонски разговор и најавија дека наскоро ќе се сретнат во Јужна Кореја, објави „Си-ен-ен“.
Новинската агенција Синхуа објави дека Си му пренел на Трамп дека ставот на Кина за „ТикТок“ е „многу јасен“ и дека ја поздравува одлуката на големите компании да „спроведат комерцијални преговори врз основа на пазарните правила и да постигнат решенија што се во согласност со кинеските закони и рамнотежата на интересите“.
„Се надеваме дека САД ќе обезбедат отворено, фер и недискриминаторско деловно опкружување за кинеските компании да инвестираат во САД“, рече Си, додавајќи дека САД треба да се воздржат од наметнување еднострани трговски ограничувања и да не влијаат на исходот од трговските преговори.
Во исто време, Трамп изјави на социјалната мрежа „Икс“ дека имал многу продуктивен разговор со кинескиот претседател.
Направивме напредок по многу важни прашања, вклучувајќи ја трговијата, фентанилот, потребата од прекин на војната во Украина и договорот за „ТикТок“ Се договорив со претседателот Си да се сретнеме на самитот на АПЕК во Јужна Кореја, ќе одам во Кина на почетокот на следната година, а Си ќе дојде во Соединетите Држави, рече Трамп.
Ова беше втор телефонски разговор меѓу претседателите на двете најголеми економии во светот од почетокот на годината.
Во јуни, Трамп и Си разговараа за извозот на ретки минерали од Кина, што резултираше со тоа што Пекинг се согласи да додели „одреден број“ извозни лиценци на американски компании, објави „Би-би-си“.
Кинеските и американските претставници одржаа четири рунди разговори во последните месеци и досега се воздржаа од воведување екстремно високи тарифи и строги контроли на извозот. САД воведоа само 20 проценти тарифи за некои кинески стоки, за кои тврдат дека се поврзани со трговијата со фентанил.
Други спорни прашања, вклучувајќи ги ограничувањата за извоз на кинеска технологија и кинеските купувања на американски земјоделски производи, остануваат нерешени.












