Во моментов нема планови за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, соопшти Белата куќа. Украина, заедно со своите европски сојузници, повика на прекин на огнот со цел понатамошно започнување преговори за завршување на војната против Русија.
Киев не го промени својот став, но ниту Москва, која не се откажува од своите услови, односно од Крим и областите што ги анектираше за време на војната во Украина. Кремљ сака средбата Трамп-Путин да се одржи во Будимпешта, два месеци по самитот на Алјаска.
„Треба да престанат. Двете страни нека прогласат победа“, рече американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој додаде дека би сакал да се сретне со својот руски колега во Будимпешта „за две недели, доста наскоро“. Сепак, подготовките за самитот би можеле да траат подолго.
Првично, требаше да се сретнат американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Сепак, американските медиуми објавија дека дури и тој прв чекор веројатно ќе биде одложен поради разликите во ставовите на Москва и Вашингтон.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков во средата изјави дека продолжуваат подготовките за средба помеѓу рускиот и американскиот претседател и покрај навестувањето на Доналд Трамп дека состанокот се одложува на неопределено време.
„Потврдуваме дека подготовките за самитот продолжуваат“, наведе Рјабков, додавајќи оти нема поголеми пречки за одржување на средбата, но призна дека тоа е тежок процес.
И портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во средата повтори дека роковите за состанокот не се утврдени.
„Сето тоа ќе дојде, но потребна е детална подготовка“, посочи Песков.
Путин и Трамп во минатонеделниот телефонски разговор се договорија да се сретнат во Будимпешта, Унгарија, но американскиот претседател во средата рече дека не сака „залудна средба“ со рускиот претседател.
Трамп го започна својот втор мандат во Белата куќа со желба да ја заврши војната во Украина „за 24 часа“, но наскоро сфати дека не е толку едноставно.