Трамп и Путин наредија нуклеарни тестови – САД и Русија водат психолошка војна или светот е во опасност?

116

На состанокот на Советот за безбедност, Путин им нареди на надлежните органи да „сторат сè што е можно за да соберат дополнителни информации и да презентираат координирани предлози за евентуално започнување со подготвителна работа за нуклеарни тестови“. Трамп претходно изјави дека Пентагон веќе добил насоки за подготвителни активности и додаде дека САД „ќе спроведат тестови затоа што и други спроведуваат тестови“, но беше нејасен во врска со тестовите за детонација на нуклеарни боеви глави

 

Кремљ не смета дека современиот свет е поблиску до нуклеарна војна отколку што беше во текот на карипската (кубанската) криза, во октомври 1962 година, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашање на агенцијата ТАСС.

– Ние не би донеле такви заклучоци – рече тој, коментирајќи ги наредбата на шефот на државата, Владимир Путин, да се проучи можноста да почнат подготовки за нуклеарни тестови и неодамна спроведените тестирања на ракетата „буревестник“ и на подводниот дрон на нуклеарен погон „посејдон“, кој веќе почнаа да го нарекуваат „оружје на Судниот ден“.

Песков објасни дека не станува збор за одлука да се извршат тестови, туку за процена на ситуацијата и за подготовка на можни мерки, со што ја релативизира заканата од ескалација, која се појави по објавите за тестирање на стратешкото оружје и за можните подготовки за нуклеарни проби.

Путин претходно изјави дека размислува за продолжување на руските нуклеарни тестови доколку САД го сторат истото, откако неговиот американски колега, Доналд Трамп, му нареди на Пентагон да почне со тестирање на американското нуклеарно оружје. Во текот на состанокот на Советот за безбедност, Путин им нареди на надлежните органи да „сторат сè што е можно за да соберат дополнителни информации за ова прашање и да презентираат координирани предлози за евентуално започнување со подготвителна работа за нуклеарни тестови“, објавија локалните медиуми. На  седницата, тој изјави дека Русија „мора да биде подготвена да реагира симетрично“ доколку решат САД да го напуштат долгогодишниот мораториум за нуклеарни тестови. Тој наложи координирана анализа на Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и на безбедносните служби, со цел да се подготват сценарија за реакција „во случај Вашингтон да премине од зборови на дела“.

Русија редовно тестира системи за испорака на ненуклеарно оружје, вклучувајќи ги неодамна тестираниот подводен дрон „посејдон“ и ракетата „буревестник“. Путин рече дека Русија отсекогаш строго ги почитувала своите обврски според Договорот за сеопфатна забрана за нуклеарни тестови и додаде дека доколку САД или други земји што го потпишале Договорот спроведат такви тестови, Русија ќе биде принудена да преземе соодветни контрамерки. Но, рускиот министер за одбрана, Андреј Белошов, смета дека е соодветно веднаш да почнат подготовките за големи нуклеарни тестови, наведувајќи го архипелагот Новаја Земја на Арктикот како потенцијално место за тестирање. Според него, американските планови значително го зголемуваат степенот на воена закана за Русија.

Шефот на руската Служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин, изјави дека руските дипломати побарале од своите американски колеги да ја разјаснат содржината на медиумските изјави на претседателот Трамп во врска со нуклеарните прашања. Американскиот претседател на крајот од октомври изјави дека „Америка ќе се однесува еднакво со сите други сили“ кога станува збор за нуклеарното оружје и дека Пентагон веќе добил насоки за подготвителни активности. Тогаш Трамп рече дека САД „ќе спроведат тестови затоа што и други спроведуваат тестови“, но беше нејасен во врска со тестовите за детонација на нуклеарни боеви глави. Иако подоцна неговиот секретар за енергија, Крис Рајт, објасни дека станува збор за „симулациски и технолошки тестови“ без експлозии, руската страна го сфати сигналот како предупредување дека се отвора нов простор за трка во вооружувањето.

САД последен пат извршија нуклеарен тест во 1992 година,  Кина и Франција во 1996 година, а Советскиот Сојуз во 1990 година. Постсоветска Русија, која го наследи советскиот нуклеарен арсенал, никогаш не изврши тестирање.

 

 

ИЗДВОЕНИ