Трамп и Путин ќе се сретнат во воена база од Студената војна

367

Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, закажана за петок, ќе се одржи во воена база која ги штитеше САД од Советскиот Сојуз за време на Студената војна, а сега ги штити од Русија.

Станува збор за воздухопловната и армиската база Елмендорф-Ричардсон во близина на Анкориџ, најголемиот град во државата Алјаска, изјави функционер на Белата куќа. Базата е создадена со спојување на воздухопловната база Елмендорф и тврдината Ричардсон, а се користела за време на Студената војна за следење и одвраќање на воена активност и потенцијални нуклеарни напади од страна на Советскиот Сојуз.

За време на Студената војна таа беше наречена „Најдобрата заштита на Северна Америка“ се наведува на веб-страницата на базата.

Авионите од базата продолжуваат да пресретнуваат руски авиони кои редовно влегуваат во американскиот воздушен простор.

Мисијата на базата е да ги поддржува и брани интересите на САД во Азиско-пацифичкиот регион и низ целиот свет, обезбедувајќи единици подготвени за распоредување низ целиот свет и распоредување сили на барање на Индо-пацифичката команда на Соединетите Американски Држави (USINDOPACOM).

Се очекува Трамп да разговара со Путин за договор за прекин на војната во Украина, која трае од февруари 2022 година.

Лидерите на неколку земји од Европската Унија (ЕУ) и украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера одржаа онлајн состанок со Трамп, бидејќи не се поканети на самитот на Алјаска.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека „разговорот бил конструктивен“, а францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека Трамп сака да постигне договор со Путин за прекин на огнот во Украина.

ИЗДВОЕНИ