Американската верзија на TikTok, која неодамна премина во рацете на организации блиски до администрацијата на претседателот Доналд Трамп, се соочи со сериозни проблеми во првите денови од работењето. Платформата беше потресена од обвинувања за политичка цензура, технички дефекти што го спречија нормалното функционирање на апликацијата, како и истрага од страна на властите во Калифорнија за наводно потиснување на содржина што е критична кон Трамп.
Особено внимание привлече тврдењата на корисниците дека TikTok не им дозволува да го користат зборот „Епштајн“ во приватни пораки, што дополнително ги поттикна сомневањата дека новата структура на управување влијае врз содржината на платформата. TikTok, сепак, тврди дека станува збор за технички проблеми, а не за промена на правилата за модерација.
Во последните денови, бројни корисници пријавија дека не можеле да испраќаат директни пораки што го содржат презимето Епштајн, со автоматско известување дека пораката „може да ги прекрши упатствата на заедницата“ и дека не е испратена „за да се заштити заедницата“. Проблемот се појави недоследно – некои корисници можеа да ја испратат пораката, додека на други не им беше дозволено.
Портпаролот на TikTok за американскиот пазар изјави за NPR дека компанијата нема политика што ја забранува употребата на името во приватни пораки и дека истражува зошто некои корисници имаат проблеми. А внатрешната анализа, според TikTok, покажува дека грешката се случувала спорадично. Случајот брзо стана вирален на социјалните медиуми, со хаштагот #TikTokCensorship, и е поврзан со пошироки обвинувања дека платформата потиснува содржина што е критична кон администрацијата на Трамп, особено во врска со имиграциската политика и рациите од страна на Службата за имиграција и царина (ICE).
Бројни корисници, вклучувајќи познати личности како пејачката Били Ајлиш, тврдеа дека нивните видеа за имиграциските рации и протестите во Минеаполис „се заглавени во верификацијата“, имаат невообичаено мал број прегледи или воопшто не се вчитуваат. Особено се издвојуваа видеата од смртоносниот инцидент во Минеаполис, кој предизвика бран на негодување низ САД.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, одговори со најавување на истрага, велејќи дека неговата администрација ќе испита дали TikTok го крши законот на државата Калифорнија со цензурирање на содржини што се критични кон претседателот.
TikTok и Oracle тврдат дека нема политичка цензура и дека сите проблеми се резултат на сериозен технички дефект. Според нив, еден од центрите за податоци на Oracle претрпел привремен прекин на електричната енергија поради лоши временски услови, што предизвикало „системски дефекти“.
Сагата заврши, американскиот ТикТок го презема локален конзорциум












