Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп го отфрли барањето за испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина, објави денес порталот „Аксиос“, пренесува „Бета“.
Во текстот се наведува дека ова бил единствениот систем за оружје на листата што Трамп одбил да го продаде на европските членки на НАТО во интерес на Украина.
Ова барање му го пренел на Трамп украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанок во Њујорк на 23 септември, за време на Генералното собрание на Обединетите нации, пренесува „Тас“ информации од „Аксиос“ и британскиот „Телеграф“.
Зеленски индиректно ја потврди оваа информација во интервју за „Аксиос“, наведувајќи дека побарал од Трамп одреден вид оружје што претходно не било испорачано во Украина, но не прецизираше кое.
Според Зеленски, Трамп одговорил: „Ќе работиме на тоа“.
Ракетата „Томахавк“ има дострел од 2.500 километри и може да носи до 450 килограми експлозив, а чини приближно два милиони долари.
Белата куќа не одговори на барањето на „Тасс “за коментар за наодите, ниту пак да разјасни дали американската администрација навистина го разгледува барањето на Зеленски.
Американската страна веројатно е загрижена за потенцијалната ескалација на конфликтот доколку Вашингтон обезбеди ракета што би ја ставила Москва во дострел, но исто така и за сопствените ограничени залихи на ракети „томахавк“, за чие надополнување се потребни месеци.