„Роберт Де Ниро, кој страда од анти-Трамп невроза, е уште еден болен, пореметен ум со, верувам, екстремно низок коефициент на интелигенција, кој апсолутно нема поим што прави или зборува, а некои од тие постапки се едноставно криминални!“, напиша Доналд Трамп во објава во која жестоко ги напаѓа и демократската конгресменка Илхан Омар, родена во Сомалија, и демократската конгресменка од Мичиген, Рашида Тлаиб.
„Добрата вест е дека Америка сега е поголема, подобра, побогата и посилна од кога било досега, а тоа ги излудува целосно“, додаде тој.
Претседателот одговори на интервјуто со актерот од филмовите „Таксист“, „Разјарениот бик“… во подкастот „Најдобрите луѓе“, во кој 82-годишниот актер Роберт де Ниро ги повика Американците да „се спротивстават“ на администрацијата на Трамп.
„Тоа е нашата земја, а Трамп ја уништува. Којзнае кои се неговите причини, но тоа не е добро. Мораме да ја спасиме земјата“, рече филмската легенда.
Уште минатиот мај за време на Канскиот филмски фестивал, актерот од филмот „Добри момци“ повика на „одбрана на демократијата“ против американскиот претседател кого го опиша како „некултурен“.












