Претседателот на САД, Доналд Трамп, даде најјасно објаснување досега за тоа зошто ги прекина врските со Џефри Епстин, пренесува „Ју-ес-еј тудеј“.
„Немав разговарано со Џефри Епстин со години. Не разговарав со него затоа што направи нешто несоодветно. Тој го ангажираше мојот персонал, а јас му реков: „Никогаш повеќе не го прави тоа“. Тој ги украде луѓето што работеа за мене. Тој го направи тоа повторно. И јас го избркав. Тој стана персона нон грата“, им рече Трамп на новинарите за време на посетата на Шкотска.
„Драго ми е што го направив тоа, ако сакате да ја знаете вистината“, додаде американскиот претседател, зборувајќи во еден од неговите комерцијални голф клубови.
Епстин, осуден сексуален престапник, почина во 2019 година додека чекаше судење.
Трамп се соочи со притисок да го објави целото досие за Епштајн, но досега не успеа да го стори тоа, што предизвика критики од демократите и некои од неговите поддржувачи.
Тој повторно беше прашан за можноста за помилување на долгогодишната соработничка на Епстин, Гислен Максвел, која отслужува 20-годишна казна затвор за трговија со луѓе. „Имам право да ја помилувам. Но, никој не ми го предложил тоа. Никој не ме прашал за тоа. Се појавува во медиумите. Но, не е соодветно да зборувам за тоа во моментов“, рече тој.
Максвел разговараше двапати минатата недела со заменик-главниот обвинител Тод Бланш. Наводно, ѝ е даден ограничен имунитет и била испрашувана за до 100 лица, но Министерството за правда не објави детали за тие разговори.