Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес изјави дека неговата администрација ги сака „имињата и земјите“ на сите странци што студираат на Харвард, сугерирајќи дека странските земји, особено оние непријателски настроени кон САД, треба да придонесат за финансирање на образованието на своите студенти, пренесе „Њузвик“.
„Зошто „Харвард не кажува дека речиси 31 процент од нивните студенти се од странски земји, и додека некои од нив воопшто не се пријателски настроени кон САД, тие не плаќаат ништо за образованието на своите студенти, ниту пак некогаш имаат намера да го прават тоа“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Тој нагласи дека неговата администрација сака „да знае кои се странските студенти и од каде се“, додавајќи дека Харвард „не е многу отворен“.
„Ги сакаме тие имиња и земји“, рече Трамп.
Според податоците на универзитетот „Харвард“, 27 проценти од студентите оваа учебна година доаѓаат од странство, а најголемиот број доаѓаат од Кина, Канада, Индија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство.
Во академската 2024-2025 година, „Харвард“ ќе запише 6.793 студенти на додипломски и постдипломски студии од 147 земји.
Меѓународните студенти „немаат право на никакво федерално финансирање“, се наведува во делот за финансиска помош на веб-страницата на Харвард, додавајќи дека „колеџот има свои фондови за стипендии, кои се достапни за меѓународни студенти“.