Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека упатил „последно предупредување“ до Хамас да се согласи на договор за ослободување на заложниците, тврдејќи дека „Израелците ги прифатија моите услови“. Тој повика на крај на војната и предупреди на „последици“ доколку Хамас одбие.
„Време е Хамас да прифати. Ги предупредив за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување – нема да има друго“, рече Трамп во објава на социјалните медиуми.
Според израелската станица „N12“, на која се повикува „Ројтерс“, рамката на договорот вклучува ослободување на сите преостанати заложници на првиот ден од прекинот на огнот во замена за ослободување на илјадници палестински затвореници и ќе послужи како основа за разговори за завршување на војната. Израелски функционер рече дека предлогот „сериозно се разгледува“.
Трамп претходно испрати слични пораки и најави зголемен притисок врз Хамас, а американските претставници потврдија директни контакти со организацијата како дел од преговорите за заложниците, објави „Асошиејтед Прес“.
Во исто време, израелската влада вели дека крајот на војната би вклучувал безусловно ослободување на заложниците, предавање и разоружување на Хамас и неговите лидери отстранети од власт во Газа, објавува „Ројтерс“.