
Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека рускиот претседател Владимир Путин бара договор.
Одговарајќи на директното прашање на водителот дали го смета Путин за главна пречка за мир, Трамп го префрли фокусот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Видете, имав навистина тежок состанок со Зеленски затоа што не ми се допадна она што го кажа и не ми ги олесни работите. И секогаш велев дека нема билет. И нема“, нагласи Трамп.
„Има многу омраза од двете страни“
Потоа водителот го потсети Трамп дека објавил апел до Путин на неговата социјална мрежа Truth Social – „Владимир СТОП“. Сепак, Трамп рече дека Путин сака разговори и дека е уморен од војната.
„Тој не изгледа добро. А сака да изгледа добро. Не заборавајте, ова требаше да заврши за една недела. И да не заглавеше во калта со своите армиски тенкови, ќе беше во Киев за околу пет часа“, рече тој.
Тој повтори дека само тој лично може да ја заврши војната.
„Секогаш сум чувствувал дека не може да има состанок без мене, бидејќи тоа нема да донесе договор. Има многу омраза од двете страни. Имам многу добри односи со Путин, мислам дека ќе постигнеме договор“, рече Трамп.
Тој повтори дека, доколку дипломатските напори не успеат, е подготвен да прибегне кон економски притисок врз Русија.