Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека Русија ќе ја окупираше цела Украина доколку тој не беше на чело на САД, додавајќи дека во рамките на НАТО, таа земја првенствено ги гледа Соединетите Американски Држави како клучен противник, додека другите членки на Алијансата, според него, немаат значаен капацитет за одвраќање без американска поддршка.
Зборувајќи за војната во Украина, Трамп го повтори тврдењето дека конфликтот немаше да се случи доколку тој останеше на власт. „Да не бев јас, Русија денес ќе ја имаше цела Украина“, рече Трамп во интервју за „Њујорк Тајмс“.
Американскиот претседател, исто така, нагласи дека неговата администрација испорачала противтенковски ракетни системи во Киев, додека, како што изјави, претходната администрација испратила „чаршави“.
„Тие уништија колони тенкови на самиот почеток со тие ракети. Да не им го дадев тоа оружје, војната ќе завршеше многу брзо, Путин ќе влезеше во Киев“, рече Трамп, додавајќи дека рускиот претседател „ги разбирал границите“ додека бил во Белата куќа.
Тој, исто така, ги повтори тврдењата дека претседателските избори во САД биле „наместени“, оценувајќи дека, доколку останел претседател, војната во Украина ќе била спречена.
Кога беше прашан колку далеку е подготвен да оди во конфронтацијата со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп рече дека има „одличен однос“ со него, и покрај, како што изјави, „лажната афера, „Русија, Русија, Русија““.
Тој ја нарече аферата „целосно измислена измама од страна на демократите“, тврдејќи дека можела да ги доведе САД на работ на голем конфликт.
„Доколку Путин и јас не се сложувавме, можевме да завршиме во светска војна поради таа измама“, рече Трамп, додавајќи дека ситуацијата „ја ставила земјата во огромна опасност“.
Одговарајќи на новинарско прашање во интервју за „Њујорк тајмс“ за приоритетите на САД, вклучувајќи ги НАТО и Гренланд, Трамп повтори дека во одреден момент може да се појави прашањето за избор.
„Русија воопшто не се грижи за НАТО, освен за нас. Кина исто така не се грижи за НАТО, освен за нас“, рече Трамп, додавајќи дека Европа мора да „стане сериозна“ и да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.
Тој нагласи дека за време на неговиот мандат бил „многу лојален на Европа“ и дека токму тој ги принудил европските сојузници да ги зголемат своите трошоци за одбрана. „Јас сум оној што ги принудил да трошат поголем процент од нивниот БДП за НАТО“, рече Трамп, пренесе „Танјуг“.












