Американскиот претседател, Доналд Трамп, побара од Обединетите нации веднаш да отворат истрага за „тројната саботажа“ во чиј центар се нашол тој, во текот на своето пристигнување и говорот на сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, оваа недела. Тој бара да се истражат случаите со ескалаторот, телепромптерот и со озвучувањето.
Првиот инцидент е со ескалаторот што застана додека беа на него Трамп и неговата сопруга, Меланија. Тој драматично го опишува тој случај и вели дека е неверојатно што двајцата не паднале со лицето врз острите рабови на металните скали, потсетувајќи на напис во британски „Сандеј тајмс“, според кој службеници на ОН претходно се шегувале дека би можеле да исклучат ескалатор за да го понижат американскиот претседател. Но, од ОН објаснија дека ескалаторот, можеби, бил запрен ненамерно од снимател од делегацијата на Трамп, кој се движел наназад снимајќи ја двојката и на тој начин ја активирал безбедносната команда за итен прекин.
Вториот проблем, според Трамп, се случил со телепромптерот, кој престанал да работи во текот на неговиот говор. Подоцна од ОН соопштија дека тој уред не бил во нивна надлежност, туку го донела и користела делегацијата на Белата куќа, која ги приклучила сопствените лаптопи во системот на ОН.
Третиот инцидент се однесува на озвучувањето во салата. Трамп вели дека звукот бил „целосно исклучен“ и „светските лидери не можеа ништо да слушнат без слушалки за превод“. Од ОН објаснија дека системот е дизајниран да се слушаат говорите преку слушалки, со превод на шест јазици и дека не се забележани поголеми технички проблеми.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, извести дека е наредена детална истрага за трите случаи.