Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара денеска од Врховниот суд да му дозволи да ја укине хуманитарната условна слобода за повеќе од 500.000 имигранти од Куба, Хаити, Никарагва и Венецуела.
Итната жалба бара од судот да го блокира налогот на понискиот суд со кој се потврди нивната правна заштита. Администрацијата на Трамп тврди дека одлуката се меша во авторитетот на Министерството за внатрешна безбедност.
Налогот на американската окружна судијка Индира Талвани во Бостон ја блокираше администрацијата на Трамп да го укине правниот статус на имигрантите. Нејзината одлука од средината на април дојде непосредно пред нивниот статус да биде одземен, ставајќи ги во ризик од потенцијална депортација.
Таа рече дека објаснувањето на владата за прекинување на програмата е „засновано на погрешно толкување на законот“. Активистите тврдат дека потегот на администрацијата на Трамп да ја прекине програмата е „без преседан“ и ги крши федералните правила.
Поранешниот претседател Бајден користел хуманитарна условна слобода повеќе од кој било друг претседател, користејќи посебно претседателско овластување кое е во сила од 1952 година.
Трамп водеше кампања со ветувања за депортирање на милиони луѓе кои се нелегално во земјата. Неговата администрација, исто така, се обиде да ги повлече политиките од администрацијата на претседателот Џозеф Бајден кои создадоа нови начини луѓето да живеат легално во Соединетите Држави.