Американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека Америка е веќе во трговска војна со Кина. Трамп најави воведување дополнителни давачки од 100 проценти за увозот од Кина, обвинувајќи го Пекинг дека зазема „исклучително агресивен став“ во трговските односи.
Во објава на неговата платформа „Трут сошл“ (Truth Social) Трамп изјави дека Кина испратила „екстремно непријателско писмо до светот“ и вовела „масовни контроли на извозот на речиси секој производ што го произведуваат“.
Трамп предупреди дека новите давачки ќе стапат во сила на 1 ноември и најави дека САД ќе воведат и ограничувања на извозот на својот клучен софтвер за Кина.
„Врз основа на фактот дека Кина ја зазеде оваа невидена позиција и зборувајќи само во име на САД, а не и за други слично загрозени нации, почнувајќи од 1 ноември 2025 година (или порано, во зависност од понатамошните дејства или промени преземени од Кина), САД ќе воведат 100 отсто царина за Кина, покрај сите царини што моментално ги плаќа“, напиша Трамп.
„Невозможно е да се поверува дека Кина би презела таква акција, но тие го сторија тоа, а останатото е историја“, додаде тој.
Претходно, Трамп го нападна кинескиот лидер Шји Џинпинг на социјалните медиуми поради зголемените напори на Кина да воведе контрола на извозот на клучните ретки минерали. Тој се закани со економски контрамерки и рече дека веќе не гледа причина да се сретне со Шји за време на планираната посета на регионот подоцна овој месец.