
САД ѝ понудија на Украина безбедносни гаранции слични на оние во Член 5 на НАТО, но без формално да се приклучат кон Организацијата на Северноатлантскиот договор, соопштија дипломатски извори.
„Како една од безбедносните гаранции за Украина, американската страна понуди гаранција од типот Член 5, надвор од НАТО, со претходна согласност од (Владимир) Путин“, рече изворот.
Тој додаде дека Трамп ја дал понудата во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и дека подоцна била повторена во последователен повик со европските лидери. Изворот рече дека деталите за тоа каква ќе биде улогата на САД сè уште не се познати.
Според Член 5, напад врз една од 32-те членки се смета за напад врз целото НАТО.
„Ни треба долгорочна безбедност што ги вклучува и Европа и САД“, напиша Зеленски на X по телефонскиот повик. Тој нагласи дека само Украина може да одлучува за територијални прашања.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони денес потврди дека Трамп и рускиот претседател Владимир Путин разговарале за безбедносни гаранции за Украина за време на нивниот состанок во Алјаска.
„Клучната поента се безбедносните гаранции што би спречиле руски инвазии во иднина и тоа беше најинтересниот дел од разговорите во Анкориџ“, рече Мелони во соопштението.
Таа додаде дека Трамп го споменал претходниот италијански предлог за безбедносни гаранции за Украина „инспириран од Член 5 на НАТО“.
Британскиот премиер Кир Стармер ја поздрави подготвеноста на САД да обезбедат безбедносни гаранции за Украина како дел од секој договор за завршување на војната.
„Ова е важен чекор напред и ќе биде клучен за одвраќање на Путин“, рече Стармер.