Трајко Славески го помина собранискиот филтер и утре официјално ќе го мине прагот на Народна банка и ќе седне на местото на досегашната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска.
Трајко Славески е професор на Економски факултет и во моментов е претседател на Советот на Град Скопје, а претходно ги извршуваше должностите министер за развој и за финансии.
Мандатот на Славески ќе трае седум години, а предлогот тој да биде иден гувернер го поднесе претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Пред да ја донесе одлуката, таа разговараше со кандидатите за гувернер, а во соопштението објавено по изборот напиша дека изборот меѓу кандидатите бил тежок и дека се водела од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот.
„Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, посочија тогаш од Кабинетот на претседателката.
За утре е закажано и официјалното примопредавање на функцијата во НБРМ.